СРЕДБА СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОСТАДИНОВ ЗА ЗАСТАПУВАЊЕ НА ПРЕДЛОГ МЕТОДОЛГИИ ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА ГО

Претставници на Организацијата на жени од Струмица остварија средба со градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, на која се разговараше за потребата од воспоставување јасен, транспарентен и правичен систем за финансиска поддршка на граѓанските организации од општинскиот буџет.
На средбата беа презентирани трите предлог-методологии и придружната техничка документација, развиени преку партиципативен процес со активно учество на сите засегнати страни – членови на неформалната работна група составена од претставници на ГО, културни работници, советници/чки и претставници на општината.
Во фокусот на разговорот беше потребата од поддршка за иницијативата која се залага за фер, правична и транспарентна распределба на буџетските средства за граѓански иницијативи и проекти.
Активноста се реализираше во рамки на проектот „Активни за транспарентно и одржливо финансирање на граѓански организации (ГО)”, преку кој Организацијата на жени од Струмица работи на унапредување на постојните практики за распределба на јавните средства, со цел воспоставување транспарентен, правичен и отчетен модел за поддршка на ГО на локално ниво.
Проектот е поддржан со ад-хок грант на регионалниот проект „СМАРТ Балкан - Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан“ имплементиран од Centar za promociju civilnog drustva (CPCD) од Босна и Херцеговина, Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП) од С. Македонија и Институт за демократија и медијација (ИДМ) од Албанија, финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.