АНАЛИЗА ОД СПРОВЕДЕНА АНКЕТА ЗА ВРСНИЧКОТО НАСИЛСТВО ВО ТРИ СРЕДНИ УЧИЛИШТА ВО ОПШТИНА СТРУМИЦА

Повеќе од половина од  младите во општина Струмица знаат што е врсничко насилство,  а дел од нив биле сведоци или пак жртви на булинг. Нивната доверба во стручните служби и воспитно – образовниот кадар во училиштата е на ниско ниво. Младите луѓе сметаат дека континуираната едукација и зголемената соработка помеѓу нив, родителите, наставниците и стручните служби во училиштата ќе придонесе за намалување на врсничкото насилство во Струмица и струмичкиот регион.
Ова се податоците од одговорите на онлајн анкетата која Организацијата на жени од Струмица  во текот на септември и октомври 2023 година ја спроведе помеѓу 121 ученик (71 девојчиња и 50 момчиња) од трите средни училишта во Општина Струмица, во рамки на акцијата „Активни млади за живот без насилство“, поддржана од НВО Инфоцентар – Скопје, со финансиска поддршка од Европската Унија.
Целта на анкетното истражување беше да утврдиме дали и колку младите се информирани за врсничкото насилство, дали биле жртви на некаков вид насилство, како и да ги идентификуваме нивните потреби и приоритети за спречување на насилството меѓу врсниците.

Клучни наоди:
Повеќе од половина од младите анкетирани лица (68%) се информирани за врсничкото насилство.
Момчињата, за разлика од девојчињата имаат помало знаење за поимот и формите на врсничкото насилство.  Информираноста и знаењето  кај девојчињата за врсничкото насилство изнесува 65%, а кај момчињата 35%.
Високи 13% од младите биле жртва на некој облик на врсничко насилство.
Девојчињата се поподложни на врсничко насилство. Од вкупниот број на анкетирани млади лица кои биле жртви на овој вид насилство,  8% се девојчиња, а  5% се момчиња.
Најзастапени видови помеѓу младите се вербалното и психолошкото насилство. Навредите и исмејувањата на момчињата се насочени кон нивниот физички изглед, а кон девојчињата на нивното однесување и изгледот.
Младите немаат доверба во стручните служби и воспитно – образовниот кадар во училиштата. На прашањето во кого имаат најголема доверба да пријават врсничко насилство, само 12 од 121 испитаник би пријавиле кај наставниците и стручните служби. Најмногу им веруваат на родителите – 64%, а 11 млади луѓе немаат доверба во никого.

И момчињата и девојчињата сметаат дека најчести причини/фактори за врсничкото насилство се:
Недоволната едукација на сите засегнати страни, особено едукација на младите од страна на институциите и повозрасните (наставен кадар и родители);
Нетрпеливоста и нетолеранцијата меѓу младите;
Достапноста на насилни содржини на медиумите и преголемото време поминато на социјалните мрежи;
Намаленото взаемно почитување и емпатија;
Домашното воспитување, социјално – економскиот статус;
Целокупната состојба во државата.