ПОВИК ЗА ЗА ИЗРАБОТКА НА АМАТЕРСКИ ВИДЕА „ЗАШТИТИ СЕ ОД САЈБЕР НАСИЛСТВО“

Драги млади,
Организација на жени од Струмица, во рамки на проектот „#Сподели, заштити се!“ објавува јавен повик за изработка на аматерски кратки видеа на тема „Заштити се од сајбер насилство“.
Кој може да се пријави?
Повикот е отворен за млади девојки и момчиња на возраст од 16 до 25 години, од градот Струмица и населените места во струмичкиот регион. Право на учество имаат сите заинтересирани девојки и момчиња од струмичкиот регион кои имаат желба да дадат активен придонес во напорите за превенција и спречување на сајбер насилството меѓу младите. Не е потребно претходно искуство. Видеата може да бидат изработени и со аматерска опрема за снимање, вклучувајќи и мобилен телефон.
Како да се пријавите
Доколку сте заинтересирани да дадете придонес за зголемување на свеста кај младите и кај целокупната јавност за превенција и спречување од сајбер насилство, доволно е да испратите порака со вашите податоци (име и презиме, година на раѓање и место на живеење) на info@ozstrumica.org.mk со наслов „Пријава за изработка на аматерско видео „Заштити се од сајбер насилство“.
За лицата под 18 години потребна е согласност од родител/старател. Поконкретно, во пораката за пријавување треба да се наведе име и презиме, телефонски број и е-пошта и на родителот/старателот. По пристигнување на пријавата, тимот на Организација на жени од Струмица ќе оствари контакт со родителот/старателот заради потпишување на писмена согласност.
Награди
Сите изработени видеа ќе бидат објавени на Фејсбук страната на Организација на жени од Струмица во октомври 2023 година, како и на завршниот настан на проектот „Младински фест #Сподели – Заштити се!“. Изборот на најдобро видео ќе биде извршен од посетителите на фејсбук страната, според бројот на допаѓања на самите видеа. Гласањето ќе трае до крајот на месец октомври 2023 година. За прворангираното видео предвидена е награда во износ од 3.000 денари, а сите останати ќе добијат симболична награда.
Рокот за пријавување на повикот е до 1 септември 2023 година.
Доколку имате прашања во врска со начинот на пријавување, контактирајте не на следната меил адреса: info@ozstrumica.org.mk 
Проектот „#Сподели, заштити се!“ е имплементиран со поддршка на „СМАРТ Балкан - Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан“ регионален проект имплементиран од Centar za promociju civilnog drustva (CPCD) од Босна и Херцеговина, Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП) од С. Македонија и Институт за демократија и медијација (ИДМ) од Албанија, финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.